Активирај се против омразата и лажните вести

Здружение Центар за стратегии и развој- ПАКТИС- Прилеп со поддршка на Фондација Отворено општество – Македонија  го спроведува проектот „Активирај се против говорот на омраза и лажните вести“, во период од Јули до Декември 2018 година.  Проектот  има за цел да ја едуцира пошироката јавност, особено младите во областа на говорот на омраза и лажните вести, како и за негативните импликации врз развојот на младата популација од зачестеното ширење на говор на омраза на социјалните мрежи и во локалната средина.

Во рамките на овој проект ПАКТИС започнува кампања со која се стреми да го редуцира говорот на омраза, особено помеѓу младите и ќе користи алатки што подразбираат употреба  на уметноста за спречување на говорот на омраза, обука за граѓанско новинарство и јавна дебата за остварување на интеракција помеѓу сите засегнати страни.

 

41671155_1922024067890270_6184840957364535296_o

41692608_1925370554222288_9015244437156003840_o

 

МЛАДИНСКИ ПРОБЛЕМИ И ПРЕДИЗВИЦИ ВО ЛОКАЛНАТА ЗАЕДНИЦА

Младината е еден од најважните параметри на едно општество, во контекст на можностите и капацитетите за развој на истото. Но, како младината може да го носи тој товар на важни одлуки и како едел млад човек може самостојно да донесе одлука за себе и за неговата улога во општеството? Дали младината е свесна за својата улога во општеството, за своите одлуки, за својот дигнитет? Од тука започнуваат вистинските младински проблеми.

 

Пред да започне младината да го критикува опшеството, образованието, политиката или околностите, потребно е да се пронајде првиот проблем во младината.

Каде е гласот на младите? Зошто има се’ помалку амбиција, дали имаат свој патоказ кон иднината, кон што се стремат младите? Овие се прашања кои имаат многу одговори, но кој е вистинскиот?

 

Вистинскиот одговор лежи во младите и нивниот начин на живот. Постојано слушаме како работите во ова наше опшество се влошуваат, младите постојано се жалат, бараат спас некаде далеку, во некои други средини каде општествата се „блиску“ до совршенството.

Тука е вистинскиот одговор на сите прашања и на сите проблеми на младите. Најголем проблем претставува изборот на младите да побегнат, нивната пасивност и неамбициозноста да се изборат за подобро утре.

 

Општеството е успешно кога граѓаните се задоволни, а најголем придонес може да имаат младите доколку покажат упорност, желба и самодоверба, дека и ова наше опшество може да биде тоа што секој човек го посакува.

 

Доколку младите би ја зеле одговорноста во свои раце и би размислувале со своја глава, се’ би било многу поинаку и нашето општество би било многу подобро место за живеење. Желбата за работите сами по себе да се наредат, да се падне од небо и постојано некој друг да ги извршува нивните работи, да се посакува со многу малку работа и труд да се стигне до врвот, се главните кочници во нашето опшество.

Сите го посакуваат тој успех на материјалните нешта, но како да се постигне ако нема амбиција и цел? Младите мислат дека „лекот“ е негде надвор од нашата држава, но јас размислувам дека и овде има „лек“ ако си доволно упорен, доволно амбициозен, ако си ја имаш поставено целта во својот живот. Без разлика колку и да наидуваш на препреки, целта и успехот се твои, ако си доволно упорен и силен во работата што ја посакуваш. Потребно е труд, борба и пред се желба за успех.

 

Поради сето ова, горенаведените причини, не е потребно да се бара виновник во некој друг, кога сме самите ние виновници за состојбите. Бидејќи и јас сум еден дел од младите, го гледам спасот и животот во ова опшество. Се би било поинаку доколку започнеме да размислуваме самокритички. Никаде во светот ја нема слободата што ние ја имаме и до којашто беше тежок патот. Затоа треба да се цени тоа, бидејќи и овде има иднина, ако бидеме доволно упорни, а со тоа доаѓа и успехот.

Мојата порака до младите е да се потрудат да бидат поамбициозни, да имаат цел во животот, да бидат упорни, да не се откажуваат од своето и од своите соништа. Тогаш нашето општество ќе биде многу подобро место за живеење за сите.

Марија Петроска
Ученик во Гимназија „Мирче Ацев“

Младински проблеми и предизвици во локалната заедница

Трендот за миграција на младото и работоспособно население од Прилеп и општо гледано од државата во последните години се повеќе расте, а истовремено секојдневно се повеќе “старее” и го губи своето активно население.

Прашањето е дали проблемот со иселување се должи на тоа што младите го гледаат својот успех, својата иднина и самореализација надвор од родниот град или од државата, притоа не трудејќи се да сменат нешто во државата во која што се наоѓаат моментално и да го искористат капацитетот и креативноста која што ја поседуваат, или сепак причината е тоа што институциите во Македонија недоволно вложуваат во младите иако целиот капацитет и надеж на човештвото е во младите. Според мене, ова е најголем проблем со кој што не сакаме да се соочиме, а постојат и многу други: невработеноста, потребата од повеќе културни настани, настани од областа на науката, активности во сферата на спортот, и секаков вид на настани и активности што ги поттикнува младите на стекнување на вештини за личен и професионален развој.

Сепак, не постои проблем за кој што нема решение.

Спречување на напуштањето на високообразовани млади луѓе од државата и подигнување на свеста за можностите дома е добар почеток. Јас мислам дека е важно да се надминат и проблемите во културата и спортот. Треба да има повеќе активности, случувања. Треба да се стави повеќе акцент на културните и спортските манифестации и активности. Младите имаат потреба да се истакнуваат пред другите, да докажат што знаат и умеат (она што го поседуваат). Зголемување на знаењата и вештините кај младите преку унапредување на квалитетот на формалното образование и промоција на неформалното образование. Поттикнување и поддршка на младите да преземаат иницијативи за подобрување на нивниот социо – економски статус, со кој би се зголемил животниот стандард, комфорт, и квалитет на живот. Вклучување на младите во носење на одлуки, генерирање на предлози и идеи за подобрување на положбата на младите во општеството. Активното учество само по себе не подразбира само вклучување во одредена активност туку тоа е процес во кој младите ги идентификуваат своите потреби, бараат решенија, планираат и имплементираат активности и имаат можност да носат одлуки во своите заедници и општеството во целина. Ако сето ова се овозможи, ние, младите ќе имаме цел и очекувања за иднината, ориентација и желба за успех, чувство на припадност, стекнување со знаење и информации, вклучување во разновидни проекти и настани. Со подобро разбирање на потребите и грижата за младите од страна на институциите се зголемува чувството на припадност кон заедницата, а институциите добиваат свежи идеи и различни перспективи, што претставува обостран развој.

Се што е досега наведено е голема мотивација и поттик за заинтересираност на младите за секојдневните општествено – социјални проблеми во нашата заедница, решавање на истите, и подобрување на животниот стандард и квалитет на живот. Исто така од голема важност е младите да превземаат иницијативи, да волонтираат во невладини организации, да бидат отворени за нови знаења и вештини и секојдневно да се надоградуваат со знаење.

На крајот од денот, целта е младите луѓе да станат активни членови на општеството, да се подигне нивната културна свест, а нивниот начин на размислување да води само кон прогрес, личен развој, и градење на подемократско, просперитетно општество, во кое секој би посакал да живее.

Елена Диманоска

Младински проблеми и предизвици во локалната заедница

Да се биде млад во општество каде што можноста за социјално осамостојување и лично остварување, што според мене, е далеку од реална, самото по себе претставува предизвик кој и тоа како го заслужува централното внимание. Поделеноста на младите по секоја основа, а најмногу по политичка, е исто така темелен проблем во локалните средини.

Се разбира дека свеста за проблемите кои секојдневно не опкружуваат е присутна, но превземањето на јасни и конкретни чекори за разбудување на истата (свеста) е она што е потребно. Лично сметам дека постојат повеќе фактори кои придонесуваат за “тапкањето во место на младите генерации, но како клучни би ги навел недоволната заинтересираност и информираност на младите за актуелните општествени и политички случувања, како и стравот од јавното изразување на сопственото мислење, нешто што во 21 век не треба да постои во ниту едно демократско општество. Кон овие би ја надоврзал и рамнодушноста како најчест општоприфатен пристап меѓу младите кон  покомплексните случувања и настани во општеството кои што ја одредуваат иднината.

Како главни помагатели за ширењето на влијанието од горенаведените фактори би ги набројал :

–  Недостиг на храброст,  мотивација и бунтовност помеѓу младата популација да истапи од толпата со унифицирани размислувања и да им даде до знаење на политичките партии дека и тие (младите) се дел од ова општество и во блиска иднина главни двигатели на животот во истото, а не да бидат перцепирани единствено како гласачко тело кое што е подложно на манипулативни политики кои што се во корист на никој друг освен на самите политички партии.

 

Принципите на граѓански организации.

Граѓанското општество е еден од најзначајните фактори за демократизација на било кое општество. Меѓутоа без многу размислување можам да кажам дека генерално зборувано во Р.Македонија, формирани се многу здуженија и иницијативи кои функционираат по потреба и не делуваат во интерес на граѓанското општество и кои дозволуваат да бидат злоупотребени од страна на некои центри на моќ .Таквите иницијативи, формирани по потреба имаат за цел да спроведат нечија агенда, или да оцрнат дел од невладините организации кои работат во интерес на граѓаните, на граѓанското општество и Европската иднина на државата.

Но, за среќа, постојат и многу здруженија кои строго држат до нивната утврдена платформа, цел, задачи и активности. Голем дел од таквите здруженија беа цел на прогон и организиран напад од страна на центрите на политичка моќ и од страна на државните институции што работеа под контрола на таквите центри.

Сметам дека граѓанските организации треба да бидат оставени на граѓаните. Тоа е формата преку која граѓаните, младите генерации, можат да се организираат за да се изборат за своите права, да влијаат на политиките од кои се засегнати. Јавно да критикуваат, но и да нудат конкретни предлози за подобрување на состојбите.

Недостиг на желба за личен успех, просперитет и остварување. Мислам дека корените на овој сегмент од нашата реалност се долги колку што е долг и периодот на траење на транзицијата во која нашето општество се наоѓа. Како главни причини за отсуството на овие карактерни особини кои според мене е неопходно да ги поседува секоја млада личност, би ги навел менталитетот и начинот на размислување на младата популација на нашата заедница. Идејата за тоа дека членската книшка од политичка партија поткрепена со долгогодишното искуство од делење и лепење политички изборен материјал е предуслов за креирање на успешна кариера под ова поднебје, за жал е добро прифатена и особено практикувана во изминатиот период. Дали тоа се должи на времето во кое што живееме, односно “секој се снајдува, онака како што знае и умее“, или пак тоа е одраз на реалната слика на популацијата на нашата заедница, навистина не знам, но на ова гледам како на пракса која што мора да прекине доколку сакаме да се постигне било каков напредок.

Како млад човек кој е дел од ова општество можам да кажам дека младата популација своите егзистенциjални и животни прашања ги решава на горе-долу два начина. Првиот, е претворање во безгласен партиски пиун, кој работното место го добива во замена за покорност и се разбира за глас на изборите, попатно губејќи го единственото нешто со кое би оставил некаков белег во општеството, а тоа е “своето јас“.

Другиот начин е далеку популарен и е познат како “билет во еден правец“. Сите оние кои што не сакаат да се потчинат на горенаведените услови и не сакаат едноставно да бидат “изгубени во преводот“ потрагата кон сопствената среќа и успех ја продолжуваат далеку од својата татковина, некаде каде што на професионален план би биле вреднувани според своите вештини и способности, а не според бојата на политичката партија или пак идеалите во кои веруваат.

Потребни се структурни промени во општеството и во јавната свест за приоритетите. Но доколку сакаме да го промениме начинот на живот во нашето општество, тогаш најпрво треба да се промениме самите себеси.

 

Ѓорѓи Палески

 

 

 

Младински проблеми и предизвици во локалната заедница

Состојбата на сите граѓани во нашето општество е катастрофална подолг период наназад, особено на младите. Заборавени беа граѓаните и нивните потреби. Приоритети беа ставани на непотребни работи како барок и споменици. За да се постигне таква  катастрофа од која најпогодени беа младите, влијаат многу фактори, но во овај случај еден од најголемите фактори, покрај родителите, финасиската состојба во државата и нашите традиции како Балкански народ, е образованието. Образованието кај нас го прави спротивното од она што би требало да биде вистинската цел – да ги направи младите да размислуваат самостојно и да ги научи нешто. Напротив, се забележува се поголемо “затупување“ наместо зголемување на мозочниот капацитет, младите ги интересира да дадат беспотребни пари за кафе и колку да испијат во викенд. Оние што покажуваат интерес се фокусирани да си заминат затоа што сметаат дека не вреди својата енергија залудно да ја трошат  и  не воочуваат дека можат да допринесат за подобрување на нивниот живот во ова опшество. Во многу организации, политички кампањи, реклами, мотивациони настани и слично , се кажува дека секој човек е “специjален“ и дека тој е тој што ќе смени нешто во општеството, дека вистински можат да го сменат и светот. Но, спрема мене, секој што размислува малку повеќе ќе сфати дека сето тоа е чиста глупост. Ако се повторува нешто, станува обично и нормално, ако на сите му кажуваме колку се специјални, се губи значењето на самиот збор. Сите сами си се прогласуваат за експерти, мотивирани од тоа што во секоја организација им кажуваат дека ќе сменат нешто. Но за жал, ретко што се сменило, дури и оние малку активините и ангажираните губат надеж.

Коренот на проблемот се наоѓа во нашето образование. Фокусот е ставен на тоа од децата да се направат “роботи“ кои ќе знаат се’, им се даваат по 7 часови на ден на деца од 9 години на кои за правилен развиток им треба социјална игра и дружба што нема да биде пред компјутер, а не да бидат затворени по цел ден во училишните клупи. Кога ќе си појдат дома пренатрупани се со различни видови на домашни кои им го одземаат и тоа малку слободно време што го добиваат. Некои деца ги носат на натпревари, ги запишуваат на различни курсеви, музички училишта, спортови и што уште не и на тој начин децата имаат се’ помалку време за самите себеси. На крајот на денот, детето нема ни желба ни време да учи и резултира со лош просек на училиште кој подоцна истите тие родители и наставници кои што го преоптеретуваат детето, го префрлаат како вина на влијанието на технологијата и социјалните мрежи. Со сето ова се постигнува токму спротивното од образување на детето. Исто така програмите по кои предаваат професорите се несоодветни, застарени и не одговаарат на вистинските потреби  на децата. Голем дел од  професорите се некомпетенти за пренесување на знаењето што го имаат (а многу од нив и го немаат соодветното знаење), не знаат како да го  подигнат интересот кај децата, што особено беше видливо во изминатиот период. Не секое дете може да покажува подеднакво добри резултати на секое поле, сите ние сме различни и имаме различни интереси. Не е никаква тајна дека скоро сите сакаат да си одат од државава, а посебно од градов. Се запишуваат на факултети во Скопје или во други градови само за да избегаат од локалните, малите средини, а тука остануваат да живеаат тие што мораат.

Покрај образованиот систем на кој му е потребна темелна реконструкција, еден од  најголемите проблеми е сиромаштијата и мизеријата во која многу од нас живеат. Луѓето се свесни дека тоа нема да сме смени веднаш, затоа што е потребно многу време и труд, па затоа заминуваат во странските држави да работат и таму ги земаат своите семејства.

Најголем дел од младите сакаат да прошетаат во Европските земји, сакаат да научат нешто ново од западната култура и вредности, но сепак кога станува збор за формирање семејство и работа, скоро секој млад човек сака тоа да го направи во средината каде што е растен, каде што му се пријателите и поширокото семејство. Имаат желба да придонесат во локалната заедница, тука да го вложат сопствениот труд, сопствениот капацитет, да остават свој личен печат во општеството.

Бојан Мицески,
Студент на Електро факултет – Битола

Младите денес!

Младите во Македонија сочинуваат една четвртина од вкупното население, со што слободно може да се каже дека претставуваат главен фактор за иднината на државата. Но, за жал, главниот предизвик со кој денес се соочуваат најголем дел од младите е пронаоѓање на работна позиција. Веднаш штом ќе излезат од училишните клупи, започнува нивната потрага за работа и борба за остварување на своите соништа.

За да може да се надмине овај предизвик, еден од основните предуслови е подигнување на конкурентноста на младите на пазарот на трудот, особено преку компензирање на знаењата и вештините со кои младите не успеале да се стекнат во текот на своето формално образование. Потребно е да се зајакне улогата на неформалното образование за овозможување на практични знаења и градење на вештини. Медиумите воопшто не помагаат во овој случај. Тие не ги покриваат најзначајните теми за младите и наместо тоа често пласираат младински содржини поврзани со темите спорт и забава. Сепак, институциите и самите млади се подеднакво одговорни кога станува збор за тоа дали ќе успеат да пронајдат решение на овие предизвици. Секоја млада личност треба да си земе за одговорност да се надоградува и да стекнува нови знаења. Колку таа личност ќе биде успешна многу зависи од што ќе го вложи.

На оваа тема имам дискутирано со многу луѓе од различен карактер, при што дојдов до неколку интересни заклучоци кои би сакала да ги споделам со вас.

Моја колешка сакаше да го искаже своето мислење и разочарување токму на темава. Разговорот започна со тоа дека таа не гледа можности во општеството кои би биле од поголемо значење, и дека се плаши дека по завршувањето на факултетот нема да го пронајде работното место кое би го сакала. Овој страв го има и го чувствува секој студент. Но, она што многу ме изненади е тоа што продолжи со тоа како се замислувала во иднина мажејќи се за некој богат, кој ќе може да и ги пружи сите нешта кои таа би ги посакала. Тоа е животот кој таа го сонува, живеејќи луксузно гледајќи ги неговите деца. И веднаш го поставувам прашањето: Дали вие мислите дека таа ќе се обвини самата себе, доколку во иднина не го живее животот кој го посакува? Јас лично мислам дека таа би ја барала вината во некој друг.

Уште еден пример би навела за размислувањето на денешните млади. Разговoрот беше на темата за денешното образование.  Студентот, а воедно и мој колега, имаше забелешки во однос на кој начин се одвиваат нашите предавања. Негово мислење е дека на факултет учиме премногу непотребни информации со кои професорите нас не преоптеретуваат. Но, на прашањето: ”Што те мотивираше за да се запишиш на овој смер?”, тој ми одговори дека лица од минатите генерации му рекле дека многу лесно се положуваат предметите и нема потреба од многу учење. Сватив дека во тој момент тој е разочаран од напорот кој треба да го вложи за да положи. Тој очекувал дека нема да има потреба да присуствува на секое предавање и да учи континуирано. Смешен е фактот дека тој воопшто не го учи тоа што го сака, па затоа и воопшто не е мотивиран да се потруди да го научи.

Ова е тој парадокс во кој живееме. Од една страна сакаме се да ни биде овозможено и да ни бидат пружени шанси и можности за да ги оствариме посакуваните цели, а од друга старана не сакаме сами да се потрудиме и да се избориме тие цели да станат реалност. Повеќе од 80% од младите денес, чекаат некој друг да ги води низ животот. Со други зборови тие сакаат се да им биде „изџвакано“, а тие само да го „проголтаат“ она нешто за кое не се избориле, а го посакувале. Немаат конкретни амбиции и цели, кои би се основале на нешто реално. Сите сакаат да бидат богати и да имаат пари во изобилство, но многу мал процент воопшто пробуваат да превземат нешто за да стигнат до таму. Дел од тие што ќе се обидат, веднаш ќе се откажат на првата препрека. Денеска така функционира нашето општество. Целта е на најлесен и најбрз начин да се дојде до посакуваните нешта. Ретки се оние кои се решаваат да го одат потешкиот пат, па кога ќе сватат дека нивниот труд не се цени, одлучуваат да заминат надвор од државата. Старите убаво рекле: ”Што ќе си посееш, тоа ќе си ожнееш”. Никој нема да ти затропа на врата и да ти додели работно место, доколку седиш дома. Потребно е вложување труд, напор и борба за да можеш да пристигнеш до посакуваната дестинација.

Доаѓам до заклучокот дека не треба да се дозволува некој трет да ни е крив за нашите проблеми. Прво треба да тргнеме од самите себе, па потоа да процениме дали и како врз нас влијаат некои надворешни фактори. До кога ќе ги обвинуваме другите за ситуацијата во која што сме?  Мојата порака до младите е следната: Наутро, погледнете се во огледало и запрашајте се дали вие правите се што е во ваша можност да ги постигнете вашите цели, секако доколку воопшто ги имате.

Кристина Николова,
Студент на економски факултет
Член на АИСЕК

Колку политиката ги оптоварува младите?

Секој млад човек е исправен пред голем број предизвици и проблеми, независно дали лични или поврзани со политиките со кои секојдневно растат. Сакам да ставам акцент на тоа дека, партиската определеност на родителите влијае врз децата, најмногу на оние кои се на прагот на високото образование. Ветуваат работа, зголемена пракса, висок степен на образование… Не се фокусираме на учењето, вештините и практичните знаења, туку на тоа, на која партија уште од најрана возраст да станеме членови. За жал, секојдневно настануваат конфликти меѓу младината за тоа која партија има поголемо влијание, подобри планови и кадри за наша посветла иднина. Но никако да сватиме, како млади личности, дека иднината зависи од нас самите. Зависи од тоа колку сме решени како младина активно да се вклучиме во сите процеси на донесување одлуки кои директно не’ тангираат нас. Зависи од тоа, колку сме спремни да излезиме со директни предлози како да се подобри образованието, праксата, културата, уметноста. Некако сме летаргични и како да очекуваме цело време некој друг да ни ги реши проблемите.

Иако сме свесни за се што не опкружува ние сепак постојано удираме со главата во ѕид, одново и одново, не можејќи да сфатиме дека тоа е погрешен начин за обезбедување на сопствената иднина. Политичките проблеми кои ние како млади ги дискутираме со возрасните доведуваат до расправии кои можат да кулминираат. Во минатото, беа чести ситуациите кога одредени субјекти во општеството ги тераа младите, наместо на предавања и часови, да излегуваат на протести и да бранат нечии интереси. Имаше примери кога во училиштата се организираат протести од страна на деца кои немаат ни полни 18 години, тоа е доказ дека уште од многу мали, неспособни да донесат некои одлуки за нивните лични потреби, тие беа партиски заведувани, со тоа дека во најкраток можен рок, по завршувањето на факултетот, ќе бидат вработени на “висока” функција. На оваа тема се разговара на слави, родендени и разни други собири во рамките на фамилијата. Се разговара и во кругот на пријателите. Се дискутира и за време на избори, кој излегол, а кој не да гласа за определена партија.

Лично сметам дека во денешно време, во разговорите на младите политиката како тема на разговор е многу повеќе застапена од годините наназад. Тука се и бугарските пасоши со кои “се обезбедува иднина”, чии процент на вадење е драстично зголемен. Најголем дел од младите својата сила, бунтовност, ја насочуваат за остварување на целите на некоја партија. Сето ова наведува на тоа дека младите се се повеќе политизирани и не се фокусираат на алтернативните начини на решавање како на своите проблеми, така и на проблемите во локалната заедница.

Постојат многу анализи и анкети за политизираноста на младите во европските земји, во западот, во Соединетите американски држави, кои упатуваат на тоа дека младите се дистанцираат од дневно – политичките теми. Целата своја енергија и слободно време ги насочуваат во стекнување на неформални знаења и вештини, а излегуваат со директни предлози како да се подобри процесот во образованието. Младите таму се солидаризираат помеѓу себе и застануваат во одбрана на поединецот, на неговото право да добие еднакви шанси во средината во која живее, и не се оптеретуваат со интересите на партиите, се борат против поделбите во општеството.

Мислам дека младите треба да се изборат за својата незавиност и индивидуалност. Треба да се вмрежуваат повеќе во правец на решавање на своите проблеми. Да станат повеќе активни во невладиниот сектор, да изнаоѓаат поинакви начини за подобрување на политиките со кои се дефинираат можностите на младите на пазарот на труд. Треба своето внимание да го насочат во реалниот сектор, да работат на тоа да започнат сопствени бизниси, да не чекаат некој да им ги подари овие нешта.

Леонардо Новески
Студент на безбедност Скопје

Младински проблеми и предизвици во локалната заедница

Како млада личност, студент, активист во граѓанскиот сектор, претседател на АИЕСЕК Локалниот Комитет во Прилеп, но и само тоа што сум граѓанин на ова општество го користам моето право да го изјаснам своето мислење и став кон проблемите со кои се соочуваме како млади идивидуи.

Нема да ги набројам очигледните проблеми на младите, затоа што за нив сите сме свесни и за нив можи да зборуваме и дебатираме до бескрај. Но, што ги предизвикало тие проблеми? Koj е изворот за неамбициозноста на младите, нефукционалоста на системите, образованието, администрацијата?

Менталитетот.

Тоа е извор на сите проблеми. Причината зошто сме еден век назад од светот. Пред прагот на менталитетот изумираат сите соништа на младите, сите амбиции и надежи. И еве конкретни примери како нашиот општо лош менталитет не’ спречува и како индивидуи и како млади да напредуваме и успееме во животот:

  1. ’’Само треба да учиш ти… ‘’
    Израснати сме со тоа мислење дека ако учиме по автоматизам ќе стигниме до успехот. Само формалното образование и  ништо друго не е потребно. Но, што е со друштвен живот, хоби кое не исполнува, читање разновидна литература, уметност? Се сметаат за небитни, иако можеби тоа се работите со кои сакаме да се занимаваме, не’ исполнуваат и ни овозможуваат духовна сатисфакција. Најчесто и ја завршуваме едукацијата кога нашите родители сметаат дека ни е доволно едукација, замислете! А, да не спомнувам дека вреднување на дете/млада личност само според оценките го уништува неговиот интелектуален развој, самодовербата и соништата. Воспитани и израснати според стандардите на родителите, како што ни ја планираат едукацијата ни го планираат и животот. Повеќе од јасно е дека вака се израснуваат “дебили“ и личности кои живеат живот диктиран и планиран од некој друг.
  2. ’’Само ти заврши факултет…’’
    И дополнување на ’’Само треба да учиш ти… ‘’, ‘’Учи сине, да не работиш.’’ Уште една од изреките кои не уверуваат дека доволно е формалното, без пракса, без волонтерско искуство и потоа не мора да бараш работа, работата ќе те бара тебе. Со диплома (преценето парче хартија) но не знае како да комуницира со луѓе, како да стекни пријатели, како да аплицира за работа, не е свесен за реалноста а не е ни спремен да се справува со реални животни проблеми. Толку е погрешно што сме убедени дека ако завршиме високо образование, со факултетска диплома сме компатибилни за ‘’директорска фотеља’’ и се ќе ни биди лесно, што кај младите влева надеж дека со диплома барем ќе има некаква шанса за достоен и нормален живот. А, дека дипломата е гаранција за нормален живот и достојна работа е најголема глупост според мене.
  3. ’Што ќе речат луѓето?’’
    Најчесто кога имаме добра, иновативна идеа за било што, кога ќе дојди момент да ја споделиме спречени сме од ова прашање. Па дали ќе ја раберат? Дали ќе се смеат? Да не е глупава идеа? И да сме доволно храбри да ја споделиме, често сме советувани да не ја споделуваме на други, поради тоа ‘’што ќе речат?’’ или посочено ние тоа дека можат да не сметаат за чуден/глупав. И секоја идеја од нематеријален облик е ‘’несватена’’ и често ни велат ‘’ај не измислувај топла вода’’. Со тоа, најчесто, секој обид да има напредок во опшеството е спречен поради што луѓето премногу се грижат за туѓите мислења, премногу се грижат за тоа како ќе реагираат на нови идеи, си го поставуваат прашањето ’’Што ќе речат луѓето?’’ и премногу време поминуваат претпоставуваќи ги одговорите на тоа прашање. Запрепастувачки е колку соништа, амбициии и индивидуалност убило ова прашање.
  4. ‘’Toе животот…’’
    Зборови кои би требало да не утешат кога се соочуваме со проблеми/предизвици или лоши искуства и да ни помогнат да се помириме со фактот дека неможиме ништо да смениме. Признавам дека некогаш се ефективни овие мали зборови, но сакам дека потенцирам дека токму поради нив некогаш и не сме упорни доволно да ги добијаме работите што ги сакаме и не се бориме за нив затоа што поради правилата на животот и не треба секогаш да имаме се што ќе посакаме. Или кога некој проблем, лошо искуство и колку да се трагични, овие зборови само ни помагаат да го одбегниме соочувањето со нив. Не’ лишуваат од лекцијата дека секое животно искуство носи своја животна лекција.

И никој не можи да негира дека сите имаме на дофат барем некоку можности да се развиваме ителектуално како млади и идни лидери. Толку многу има проблеми и предизвици во секојдневието на младите што сите не можат ни да се идентификуваат. И секогаш ќе има, бидеќи без предизвици нема да има напредок.

Но се надевам дека овие конкретни примери беа доволно живописни да ја доловат мојата поента дека многу проблеми за нас младите не би постоеле ако сфатиме дека начинот на кој размислуваме и ставот кон животот го контролираме ние. И никој друг не треба да ни кажи како да го живееме животот.

Кристина Петреска,
студент на Економски факултет и претседател на АИСЕК Прилеп

Mладински проблеми и предизвици во локалната заедница

Младината како составен дел од општеството, игра важна и есенцијална улога. Но, прашањето е во каков правец е насочена нивната улога? Што добива младината и што сакаат да постигнат играјќи ја таа улога? Една од главните достигнувања  е во тоа да се прилагодат на условите во локалната средина, или да ги подобрат социјалните норми кои го дефинираат животот на младите.

Секој млад човек се стреми да се пронајде и  да се афирмира себеси, да одлучи што ќе го обликува и што ќе биде одраз на неговиот идентитет. Многумина од луѓето допираат и уништуваат. Но младината ја содржи тааа карактеристика што кога ќе го допрат, ќе го оживеат нештото. Секој поединечно го внесува и го инвестира својот немирен, незапирлив, неуморлив дух.

Младите имаат улога да го обноват и освежат моменталниот статус на нашето општество, вклучувајќи ги лидерството, иновациите, вештините, итн. Од младите се очекува да ја унапредат сегашната технологија, образованието, политиката и мирот на земјата. Од друга страна, младите, исто така, треба да ја задржат културата, сите добри вредности во општествата, развојните проекти итн.

Младите не треба а и не смеат да стојат во место и да трепкаат во агонија. Не смеат да дозволат да им се наметне нешто непосакувано, да дозволат да бидат прегазени. Да не дозволат да си го дадат животот во погрешни, туѓи раце, да не дозволат друг да ја користи четката, која животот им го исполнува со живописни детали.

Оној кој се издвојува од толпата, е оној од кого ќе започне новото, дотогаш невиденото, нечуеното, револуцијата. Со неговата креативност привлекува и многу други луѓе, а тие пак му подаваат рака, и него оставаат сам да чекори на патот кој води кон промената.

Одамна, чукна часот за решавање на долгогодишните проблеми во Македонија. Треба да се превземат низа активности и мерки се’ со цел да се задржат младите тука. Тука да го отпочнат градењето на својата иднина и формирањето на семејството. Не смеат да бидат странци во сопствената држава. Младите поминуваат низ еден предизвик со кој треба умешно и мудро да се соочат, бидејќи сегашната одлука ќе им влијае и ќе им се провлекува низ иднината, поточно низ целиот живот. Сите градови треба да го зајакнат космополитскиот дух и демократскиот капацитет. Често пати младите студенти се оние најпонижените и најомаловажените. Тие учат како да “живеат” додека престојуваат во студентските домови на кои им треба целосна трансформација. Без разлика на нивната моментална состојба, треба секогаш да се збогатуваат. Единствениот начин да се задржат младите е да им се даде можност да работат по струка која за кој се образуваат и за која стекнуваат вештини, со цел да можат со личниот труд, односно платата да си ги остварат желбите

Како едно од непишаните правила за младите е да го превземат, да го наследат местото на  постарите. Постарите како инспирација и пример за младите, на кои „светот останува“, треба да ги пополнат празните места и позиции. Пред да се впуштат во било што, треба да се запрашаат дали ќе бидат подготвени да учат, да бидат продуктивни, да продолжат да го носат опшеството на своите плеќи. Да се опремат со лидерски вештини, да се вклучат во самиот процес на носење одлуки на локално ниво, кои лично ги засегаат.

Сите добри одлуки во чие одлучување се вклучени и младите, водат кон подобра иднина. Нивните раце ја кројат иднината. Со превземањето на активности се освежуваат, се подигнуваат сите сфери од кои се состои едно општество. Ентузијастичкиот дух одушевува, дава нови идеи, имплантира енергија во полето на знаењето.

Ништо нема да се случи ако младите активно не работат да успеат во својата улога. Едукацијата, вештини, иновациите и знаење  се кличните нешта за да успеат да го променат општеството на подобро. Младите треба да ја напуштат прагмата дека нештата ќе им бидат подадени на тацна. Самите мора да се изборат да им биде добивката заслужена, а со тоа ќе им биде и мотивацијата поголема за да ја зачуваат.

Александра Огнаноска
Средношколец

 

Млади Лидери

Младите во Прилеп не покажуваат голем интерес  кон волонтерството и неформалното образование и невладините организации, со цел да ги развијат и покажат своите лидерски способности и да се изградат себеси во личности кои имаат што да понудат на пазарот на труд. Сметам дека бројот на млади кои се вклучуваат во некаков вид на неформално образование и волонтерство е премногу мал.

Голем процент од младината најмногу се надева на својата диплома и сметаат дека материјалот кој се предава по училиштата и факултетите е претставен само во теорија и не би им бил многу од корист, затоа што во реалниот свет и во пракса е многу поразлично. Сметам дека голема улога играат политичките партии затоа што влијаат на некои здруженија на граѓани кои делат слични интереси и идеологии со партиите, а тоа е идентитетски конфликт на позициите што ги застапуваат. Тука настанува проблемот каде што во голем број случаеви невладините организации и неформалното образование се поврзуваат со политика, но сепак постојат исклучоци во се’ и доколку покажат интерес младите можат да се потрудат и да најдат начин како да се развијат себеси како лидери во локалната заедница.
Исто така, во Прилеп, па и во цела држава огромна улога игра обесправеноста  и немањето доволно можности да ги покажат своите вистински квалитети и интелектуални способности. Се разбира, ова она што ги засега не само младите туку и голем дел од населението, е селекцијата при вработување, што во поголем дел од случаите е според нереални критериуми, а еден од приоритетите за вработување е членството во одредена политичка партија и затоа голем број на млади после завршувањето на своето образование излезот го бараат надвор од границите на Македонија, што до некаде и ги оправдувам. Кога еднаш ке престане таа селекција при вработување, посебно во државниот сектор, кога ќе почнат да се вработуваат според нивните способности и капацитети, а не нивната определеност, тогаш работите во нашето општество би тргнале на подобро.

Младите во Прилеп имаат што да покажат, но се обесхрабрени и немаат мотивација поради горе наведените причини, многу од нив не се доволно заинтересирани за секојдневните општествено – социјални проблеми во нашиот град и многумина се навикнати на максимата “некој друг нека му ја мисли за тоа”.  Тука лежи проблемот зошто младината не се бори доволно за да биде фактор во општеството и да се избори за подобрување на ситуацијата во која живеат.
Но, сепак за да се подобри тоа и доколку сакаат да им биде ценет и вреднуван сопствениот став, сметам дека најдобро што би можеле да направат е да се вклучат како волонтери во невладини организации и на тој начин младите би станале поактивни и позаинтересирани за секојдневието и проблемите во нашето општество и шансите да се подобрат работите би биле се’ поголеми и подобри. Таму секако би се стекнале со нови знаења и вештини, кои би биле во голема корист за нив, но и на тој начин би ги работеле на решавање на проблемите во. Исто така, најдобро би било одредени невладини организации да го зацврстат својот легитимитет како независни и непартиски, со тоа би се разбил тој скептицизам од страна на голем број на млади дека “се е поврзано со политика и политички партии” и дека “се’ е за џабе ”.
Со тоа би се развиле лидери какви што се потребни во секое општество, во секоја институција и на секое работно место. Лидери кои би мислеле за доброто на сите луѓе, лидери кои се отворени за секаков вид на критики пофалби и совети и се крајно транспарентни во тоа што го работат. Треба да бидат фокусирани на тоа, секој граѓанин да има еднакви права и да не постои дискриминација во општеството. Да нема поделба и селекција туку да има еднаквост и праведност. Демократијата да биде на прво место и младите да бидат повеќе вклучени во донесувањето на значајни одлуки, да се слушне и нивното мислење. Со тоа би биле многу повеќе мотивирани да се развиваат себеси како лидери и би биле многу покомпетентни на пазарот на трудот и шансите за вработување би им биле многу поголеми. Нема да бидат приморани да ја напуштаат државата барајќи го спасот надвор, далеку од своето семејство и својот дом. Колку и да се малку можностите за да се истакнат, сепак би можеле самите да ги создадат, но за тоа треба многу трпение и посветеност.

Сепак, секој почеток е тежок и секој од нас барем еднаш се нашол во момент каде што се изгледа безнадежно и не верувал во својата замисла и тоа е сосема нормално. Секогаш и во се’ има падежи и издигнувања во остварувањето на некаква цел, посебно во градењето на својот карактер. Покрај формалното образование, преку волонтирање, неформално образование и поголема заинтересираност и активизам, младите би можеле да придонесат во нашиот град и шансите за подобар животот во Прилеп би се зголемиле, а со тоа ќе се намали потребата да ја напуштаме државата отселувајќи се во други земји каде што никогаш не би се чувствувале како дома и секогаш ке бидиме “аутсајдери”. Наместо да работиме и придонесуваме во друга држава и друго општество, би се фокусирале во подобрување на нашиот град и би го оставиле во добра состојба со подобри услови за следните генерации, затоа што иднината е во младите.

Виктор Николоски
Студент

Оставете ни коментар!

Добрите лидери прво мора да бидат добри службеници...