April 29, 2018 admin

Младински проблеми и предизвици во локалната заедница

Трендот за миграција на младото и работоспособно население од Прилеп и општо гледано од државата во последните години се повеќе расте, а истовремено секојдневно се повеќе “старее” и го губи своето активно население.

Прашањето е дали проблемот со иселување се должи на тоа што младите го гледаат својот успех, својата иднина и самореализација надвор од родниот град или од државата, притоа не трудејќи се да сменат нешто во државата во која што се наоѓаат моментално и да го искористат капацитетот и креативноста која што ја поседуваат, или сепак причината е тоа што институциите во Македонија недоволно вложуваат во младите иако целиот капацитет и надеж на човештвото е во младите. Според мене, ова е најголем проблем со кој што не сакаме да се соочиме, а постојат и многу други: невработеноста, потребата од повеќе културни настани, настани од областа на науката, активности во сферата на спортот, и секаков вид на настани и активности што ги поттикнува младите на стекнување на вештини за личен и професионален развој.

Сепак, не постои проблем за кој што нема решение.

Спречување на напуштањето на високообразовани млади луѓе од државата и подигнување на свеста за можностите дома е добар почеток. Јас мислам дека е важно да се надминат и проблемите во културата и спортот. Треба да има повеќе активности, случувања. Треба да се стави повеќе акцент на културните и спортските манифестации и активности. Младите имаат потреба да се истакнуваат пред другите, да докажат што знаат и умеат (она што го поседуваат). Зголемување на знаењата и вештините кај младите преку унапредување на квалитетот на формалното образование и промоција на неформалното образование. Поттикнување и поддршка на младите да преземаат иницијативи за подобрување на нивниот социо – економски статус, со кој би се зголемил животниот стандард, комфорт, и квалитет на живот. Вклучување на младите во носење на одлуки, генерирање на предлози и идеи за подобрување на положбата на младите во општеството. Активното учество само по себе не подразбира само вклучување во одредена активност туку тоа е процес во кој младите ги идентификуваат своите потреби, бараат решенија, планираат и имплементираат активности и имаат можност да носат одлуки во своите заедници и општеството во целина. Ако сето ова се овозможи, ние, младите ќе имаме цел и очекувања за иднината, ориентација и желба за успех, чувство на припадност, стекнување со знаење и информации, вклучување во разновидни проекти и настани. Со подобро разбирање на потребите и грижата за младите од страна на институциите се зголемува чувството на припадност кон заедницата, а институциите добиваат свежи идеи и различни перспективи, што претставува обостран развој.

Се што е досега наведено е голема мотивација и поттик за заинтересираност на младите за секојдневните општествено – социјални проблеми во нашата заедница, решавање на истите, и подобрување на животниот стандард и квалитет на живот. Исто така од голема важност е младите да превземаат иницијативи, да волонтираат во невладини организации, да бидат отворени за нови знаења и вештини и секојдневно да се надоградуваат со знаење.

На крајот од денот, целта е младите луѓе да станат активни членови на општеството, да се подигне нивната културна свест, а нивниот начин на размислување да води само кон прогрес, личен развој, и градење на подемократско, просперитетно општество, во кое секој би посакал да живее.

Елена Диманоска

Оставете ни коментар!

Добрите лидери прво мора да бидат добри службеници...